Започнаа активностите за возобновувањето на наколната населба од бронзениот период во заливот на коските кај Градиште, изјави за ohridnews Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Тој најави дека на есен ќе започнат археолошки истражувања на копно, односно на градиштето, додека реконструкцијата на наколната населба од бронзеното време која се наоѓа во полуостровот Градиште, ќе започне догодина.
Во меѓувреме, вели Кузман, продолжуваат археолошките истражувања на Плаошник каде како што веќе објавивме досега се пронајдени над 600 керамички производи, бронзени и железни монети кои датираат од 1200 години пред новата ера па се до 19. век. Во мај таму беше откриена и малата статуетка на Дедал татко на митскиот летач Икар.
На археолошките ископувања на Плаошник каде што ќе биде возобновен Светиклиментовиот универзитет работат над 380 луѓе. Првата фаза од ископувањата ќе бидат завршени најдоцна до септември годинава, а потоа ќе се пристапи кон изработка и усвојување на идејното решение за најстариот словенски универзитет, рече Кузман.
Г. Момироски













