Универзитетот во Келн, Германија, со поддршка на Хидробиолошкиот завод од Охрид, според најавите, денеска ќе отпочне со реализација на големиот научен проект за утврдување на староста на Охридското Езеро, климатските промени и настанувањето на живиот свет во него.


Дупчењето ќе биде вршено на 5 точки на езерското дно кои се избрани врз основа на сеизмичките, седиментолошките и тектонските испитувања, извшени во периодот од 2004-2011 година.

Проектните активности се планирани да траат 60-на дена.

Охридско Езеро е најстарото европско езеро кое го одликува континуитет на постоење од неговото создавање па се до денес. Тоа е длабоко олиготрофно езеро кое припаѓа во групата на прастари езера кои се одликуваат со специфичен животински и растителен свет кој обилува со ендемични и реликтни форми. Иако во литературата преовладуваат различни ставови за староста на езерото (од 2-10 милиони години) сепак староста од 3-5 милиони години се смета за најверодостојна. Утврдувањето на точната старост и потеклото на Езерото е токму главната цел на меѓународниот проект со работен наслов SCOPSCO (Scientific Collaboration on Past Speciation Conditions on Lake Ohrid)-Научна соработка за проучување на условите на специјација во Охридско езеро, информираат од Хидробиолошкиот завод.


Проектот го финансира германската фирма  ICDP, која ангажирала англиска платформа и американски оперативци за извршување на  активностите.

Се претпоставува дека  пред милион години овде еруптирала вулканска лава, а тоа  и треба да го докажат поленовите честички кои  остануваат неразложени и  може да бидат  потврда  на  милениумската старост на Охридското Езеро. Во проектот кој има одобрение од македонската влада, ќе учествуваат и домашни истражувачи  чие ангажирање ќе биде  од непроценливо искуство.

OhridNews
фото:Дим Дон