Надалеку познатиот вевчански карневал  официјално ќе почне  со прием кај градоначалникот на Вевчани, Васил Радиноски и со василичарска веселба. Карневалското дефиле традиционално ќе се случува на вевчанските улици, кои стануваат отворена сцена за парада на маски кои карневалските групи ги подготвуваат некогаш и со месеци и кои остануваат најстрого чувана тајна до почетокот на карневалот.

Вечерва безграничниот театар продолжува со посета на карневалските групи на домаќинствата и познатите  вевчански извори.  Манифестацијата завршува утре  со василичарско оро средсело.

Вевчанскиот карневал  е стар 1.400 години, колку и селото Вавчани. Од 1993 година Вевчанскиот карневал е член на Светската федерација на карневали.