
Во рамки на манифестацијата ќе се менуваат низа интересни настани. Вечерна променада ќе има и годинава. Со кајче по езерото и инструментите во раце ученици од ОМУ „Методи Патче“ ќе настапат во два термини. На сцената „Кај бунарот“ ќе биде прикажан документарниот запис „Вака некогаш се ловеше во Трпејца“ од Хилда Кондовска. Ќе следи настап на Женската пеачка група при Здружението на пензионери од Охрид. Мини концерт под наслов „Црвени рози“ ќе има познатиот Томислав Маниќ,а ќе настапи и ансамблот „Билјана“.
Планирани се веќе познатите и бесплатни школи за англиски јазик, шах и пливање. Ќе се организираат креативните работилници за оригами и изработка на уметнички композиции во чија основа ќе бидат бисерните камчиња од Трпејца. Во соработка со Црвен крст – Охрид и Националниот парк „Галичица“ организаторите предвидоа презентација на „Спасување на вода“ и прошетка по патеката Чоколско. И годинава ќе се фаќаат рипчиња на јадица и ќе се подготвува чорба од риба, а ќе се одржи и Кајакарската регата „Номче Митрески“. Во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан и филмот „Мис Стон“. Филмот делумно е сниман во Трпејца, а на времето речиси сите жители биле статисти во него.
Организатор на манифестацијата е здружението за промоција и развој „За Трпејца со љубов“, покровител е Општина Охрид, а помагатели се Месната заедница и Црковниот одбор на Трпејца, како и спонзори и поддржувачи.
OhridNews











