Денеска во Охрид започнува „Охридската летна школа на природно право“ која ќе се одржува до 11 јули во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и со поддршка на Австриската агенција за развој (АДА).

Воведни обраќања ќе имаат Заменикот министер за правда, Ален Деребан, Академик Владо Камбовски – од Центарот за стратегиски истражување при МАНУ, Анна Чернишова – Заменичката на Постојаниот претставник на УНДП во државата и Давид Мукенхуберт, Раководител на регионалната канцеларија за техничка соработка на Австриската амбасада.

Школата се организира со цел унапредување на знаењето и професионалните капацитети поврзани со бесплатната правна помош и клучните механизми за обезбедување еднаков пристап до правда посебно за ранливите категории, велат организаторите.

Свеченото отворање ќе се одржи во „Куќата на Уранија“ со почеток во 10 часот.

Иницијативата е во рамките на регионалниот проект EQUALS, иницијатива насочена кон реформирање и унапредување на системот за бесплатна правна помош усогласен со стандардите на Европската Унија и меѓународното право за човекови права.

 

OhridNews