Изградбата на новото болничко крило во специјалната болница за ортопедија и траумаологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде според најавите на почетокот од градежните работи во 2015 година, требаше да се пресели Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања, е запрена и не се знае кога ќе продолжи.

Изведувачот, градежната компанија „ВИА“ од Вевчани, на 31-ви октомври целосно ги прекинаа работите на објектот кој е готов 80%, бидејќи се’ уште не се ослободени старите операциони сали кои треба да се урнат за тој да може целосно да биде завршен. За тоа од декември 2016 година до сега биле испратени повеќе дописи до инвеститорот, Министерството за здравство на Република Македонија, од каде не бил добиен повратен одговор.

Новиот директор на специјалната болница „Св. Еразмо“, Д-р Ацо Велески, укажува дека доколку се затворат операционите сали постои ризик од престанок со работа на установата затоа што во проектот вреден нешто над 3 милиони евра обезбедени со кредит од Европската банка не се предвидени средства за опремување на новите операциони сали и конкретни рокови за тоа. Болницата нема пари за таква инвестиција, а дополнителен проблем претставува тоа што не е дефинирана намената на објектот, ниту како тој ќе функционира.

-Во ниеден момент не видовме која ќе биде намената на тој објект. Факт е дека тој треба да се заврши но не најдовме одлука ни на Управниот одбор, ни на министерството, што ќе биде понатаму со него. За тоа треба да одлучи министерството, но сметам дека проектот е почнат на еден избрзан и нетранспарентен начин и мислам дека ќе треба една добра анализа што натаму со тој објект. – вели д-р Велески.


Д-р Ацо Велески – специјална болница „Св. Еразмо“

И од Заводот за кардиологија информираат дека до овој момент не добиле никаков официјален документ или одлука од Министерството за здравство за селење на оваа установа во новиот објект во Св. Еразмо, на што лекарскиот колегиум отворено се противи.

-Со оглед на тоа што Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања, во моментов претставува единствена установа на територијата на Република Македонија која што ги опфаќа сите сегменти на кардиолошко лекување, сметаме, а тоа е став и на лекарскиот колегиум уште од 2013 година, дека било какво селење, целосно или на било кој сегмент на установата, е неприфатливо и на некој начин неодржливо решение. – изјави директорката на заводот за кардиологија Д-р Гордана Донеска.


Д-р Гордана Донеска – Завод за кардиологија – Охрид

Во телефонски разговор заменик министерот за здравство Д-р Гоце Чакароски ни изјави дека во моментов се разгледува целокупната проектна документација за да се утврди врз основа на кои одлуки се преземани дејствија за преадаптација на просторот од некогашната карабина во специјалната болница „Св. Еразмо“ и селење на Заводот за кардиологија, за што јавноста ќе биде дополнително запознаена.

Засега е извесно дека новиот болнички блок во „Св. Еразмо“ нема да биде завршен во 2017 година како што беше првично предвидено, а дали некој ќе сноси одговорност за пропустите во реализацијата на проектот и евентуалните штети кои може да произлезат од пролонгирањето на роковите, останува отворено прашање, дотолку повеќе што во изградбата на објектот кој се протега на површина од 5000 метри квадратни се вклучени и странски подизведувачи од Хрватска и Австрија, кои имаат свои побарувања.

Останува нејасно зошто при планирањето на вака комплексен проект кој пред повеќе од две години го започна поранешната влада преку министерството за здравство, не биле земени во вид мислењата на лекарите од Заводот за кардиологија и од специјалната болница „Св. Еразмо“, како и дали можеби во позадина се кријат некакви други интереси.

-Можам да кажам дека не бевме консултирани генерално, ниту за проектите што беа правени. Не најдовме ни одлука на Управниот одбор. Работите си течеа, а лекарскиот колегиум гарантирам дека не беше консултиран. Бевме информираме дека ќе почне тој проект, дека се обезбедени средства од Европската банка и толку, потоа така си течеше тој проект. – вели д-р Велески од специјалната болница „Св. Еразмо“.

Според него можни се повеќе опции околу намената на објектот во иднина, за што одлука треба да донесе министертвото за здравство, во консултација со специјалната болница „Св. Еразмо“ и Заводот за кардиологија.

Горан Момироски