Наспроти декларираните заложби за умерен урбанистички развој утврден од барањата, потребите на граѓаните (општествената заедница, не на поединци) и препораките на УНЕСКО, она што денеска му се случува на градот и езерото, кога станува збор за урбанизацијата, во најблаго кажана форма е ништо друго туку полуорганизирано дивјаштво, спроведено под форма на надополнување, надградување и упропастување на плански изграденото во едно друго време. Таква e оценката на експертите кои некогаш беа дел од институциите задолжени за плански развој на градот и неговата околина, меѓу кои архитектот Димитар Зарчев, поранешен директор на градежното претпријатие „Трудбеник“, своевремено и претседател на Собранието на Општина Охрид.

Зарчев зборувајќи за МИА појаснува дека контролираната урбанизација на градот во современа смисла датира некаде од крајот на 60-те години на минатиот век, кога за првпат официјално беше формиран Завод за урбанизам и архитектура на Охрид, сериозна институција составена од десеттина архитекти и инжинери, која ги постави главните постулати во која насока ќе се развива градот како населено место, субјект што истовремено ќе води сметка за неговата културно-историска вредност. Таа институција подоцна прерасна во Дирекција за урбанистичко и просторно планирање, дополнета со други надворешни профили експерти од најразлични бранши, од економисти, културни дејци, инжинери по шумарство, биолози, интелектуалци од разни профили, со единствена задача да води сметка за развојот на Охридско-преспанскиот регион. Според Зарчев, кој беше дел од таа институција, станува збор за субјект прв и единствен од тој вид во тогашна СР Македонија.

  • Ништо не беше оставено на волунтаризам или некаква случајност. Она што е денеска евидентно во развојот на градовите, постои многу политичко влијание. Дури и во тој еднопартиски систем каде години работев како проектант, ниту еднаш немаше случај политиката да се меша во нашите ингеренции. Ние ги баравме политичарите, и тоа само по потреба најчесто кога беа потребни средства, ниту еден политичар не дојде директивно да нареди нешто да се гради. Едноставно, сите работи беа спроведувани на научна основа и согласно стандардите, за кои се водеше и тоа како сметка, рече Зарчев.

Според него, недвосмислено како главна концепција утврдена од експертите била водењето сметка за зачувување на животната средина, односно градот да развива индустрија што нема да загадува.

Зарчев е дециден дека се што било изградено од 1968 до 1988 година било правено согласно програма, концепт, план и економска оправданост и одржливост. Спротивно од она што сега се случува.

  • Во моментот кога на сцена стапи голото профитерството кое може да диктира, плаќа, подмитува, работите тргнаа наопаку. Архитектите кое се најповикани да го осмислуваат урбанистичкиот развој се исклучени од процесот на одлучување. Почна да се градат објекти без контрола на висина, габарит, на недозволиви места, сведоци сме дека веќе во градот е изменета и микроклимата. Тоа што Охрид се уште не е загаден град, тоа е последица што се уште просторот овозможува некаква циркулација на воздухот, но прашање на време е кога и тоа ќе се смени на полошо, вели Зарчев. Според него, изградба на каков било објект мора да има своја оправданост, да има потреба од него, независно дали се работи за болница, градинка, училиште, спортска сала…

Според Зарчев, со тоа што никој не поднесува била одговорност за очигледни пропусти или погрешни одлуки што неповолно влијаеле врз градот, околината, средината, оставаат отворен простор за појави на самоволие, професионален дилетантизам и идна деградацијата во секоја смисла. На места предвидени за паркиралишта се градат габаритни станбени објекти што зјаат полупразни, се тампонира милиони години старото езерско крајбрежје, трската се пали, само за да се добие атрактивен простор за градење. Сето тоа последица на отсуството интергриран план за урбанистички развој на градот, детално и стручно осмислен да ги следи промените во средината во сите аспекти – од природниот прираст на населението, преку интенциите за развој на стопанскиот развој на градот, се до предвидувањата за бројот моторни возила што ќе ги има во градот во иднина…

  • Интервенцијата во просторот во Охрид и околината мора да се спроведува филигрански. Замислете, во овој момент во тек е изработка на 27-та верзија на Законот за градење, значи секоја година од формирањето на државата. Тоа е безобразие, таксативно да се менуваат урбанистички планови, само за да се деградира просторот преку впишување некакви објекти за да се задоволат нечии лукративни апетити. Се додека на извршни позиции се поставувуват апологетски потписници на туѓи одлуки нема оптимизам за напредок, во било која сфера на општественото живеење, изјавува тој.

Што се однесува на актуелниот оспоруван објект во изградба во населбата Лагадин, Зарчев појаснува дека таа првично проектирана вилска населба наречена „Здравје“ била осмислена во неа да нема објект повисок од приземје и еден кат, а оние од првиот ред до езерото дури и да бидат на приземје без покрив само за да не им го попречуваат погледот на објектите од задните редови. Она што денеска е Лагадин нема никаква допирна точка со предвиденото во тој период, дециден е Зарчев во интервјуто за МИА.