“Охридска банка“ и француската групација “Сосиете женерал“ не ја договорија банкарската зделка. По неколкудневни преговори зад затвворени врати со претставниците на Охридска, тричлениот тим на Сосиете синоќа си замина за  Париз без дефинитивна одлука за преземање на “Охридска“.

Претставниците на “Сосиете женерал“ вчера се сретнале со претствници на владата и со гувернерот на НБМ, Петар Гошев, кај кого се интересирале за процедурите доколку се одлучат да ја купат “Охридска банка“.

Вчера со соопштение се огласи и “Охридска банка“, во кое се вели дека преговорите со Сосиете женерал продолжуваат и оти Сосиете до овој момент се уште нема донесено финална одлука за преземање на Охридска банка.

Сосиете женерал искажа интерес за присуство на македонскиот банкарски пазар и тоа конкретно за Охридска банка во интерес за стекнување на 100% од капиталот со право на глас во Банката. Од страна на Охридска банка, согласно законските прописи, во два наврата беа дадени ценовно чувствителни информации кои го отсликуваа досегашниот тек на активности. Доколку Сосиете женерал одлучи да продолжи со постапката за преземање на банката, тоа ќе биде во согласност со позитивните законски прописи кои важат во Република Македонија вклучително и Законот за преземање на акционерски друштва, се наведува во соопштението од УО на Охридска банка.