Секоја минута во светот се користат и фрлаат три милиони заштитни маски, а многу завршуваат во природата и претставуваат вистинска еколошка бомба, пишува списанието „Фанпејџ“, пренесува „Миа“.

Заштитните маски се направени од пластични полимери, кои во природата шират таканаречени микро и нано пластични честички, со дијаметар помал од пет милиметри. Микропластиката, вклучително и онаа која настанува со распаѓање на заштитните маски, остава отровни материи во природата, како што се тешки метали, наведува весникот.

Организациите за заштита на животната средина предупредуваат дека, со оглед на тоа што нема упатства за отстранување и ослободување од заштитните маски, опасноста од понатамошно загадување на животната средина расте.

Весникот потсетува на претходните научни истражувања, кои покажаа дека 14 милиони тони микропластика завршуваат на морското дно, загадувајќи ги најоддалечените делови на планетата, како што се Антарктикот и најголемите морски длабочини.

Микропластиката од морето често завршува во телата на морските животни, вклучувајќи ги и оние што луѓето ги јадат.

Друго истражување потврди дека јадејќи морска храна, луѓето неделно внесуваат пет милиграми микропластика во телото, што е исто како да се јаде ситно мелена кредитна картичка еднаш неделно.

Во Италија, искористените заштитни маски завршуваат заедно со друг смет, но со оглед на количината, некои специјализирани компании веќе работат на изработка на специјални контејнери со цел, со оглед на тоа што се изработени од пластика, да се рециклираат и заштитни маски.

OhridNews