Запленети се 734 кубни метри дрва и поднесени се 147 прекршочни и кривични пријави во интензивираните акции на Шумската полиција, кои се спроведуваа во текот на октомври, против бесправната сеча, транспортот и трговијата со дрвна маса од незаконско потекло, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во рамките на акциите против дрвокрадците, Шумската полиција привремено одзела 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили. Притоа, до надлежните судови поднесени се 122 прекршочни пријави, а до Основното јавно обвинителство 25 кривични пријави.
Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите. Ќе бараме одговорност и од оние што бесправно сечат и од оние што ги препродаваат дрвата. Шумите се заедничко богатство и наша обврска е да ги заштитиме, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
OhridNews













