На 25 и 26 септември 2020 година, во официјална посета на нашата земј ќе престојува претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.Тој на 26 септември, сабота, ќе престојува во Охрид, каде заедно со претседателот Пендаровски ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Р.С. Македонија во Кампот за обука на вода – Охрид. Претходно, двајцата претседатели ќе реализираат прошетка низ Охрид и разгледување на културни знаменитости.

Во врска со најавената посета, Секторот за внатрешни работи Охрид информира дека се преземаат соодветни безбедносни мерки кои ќе бидат на сила во градот за време на престојот на високиот гостин.

Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците за што, остварени се контакти со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со Јавните претпријатија, со фирмите кои изведуваат работи за изградба на автопатот Охрид-Кичево како и со други релевантни субјекти, информира полицијата.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, ќе презема засилени безбедносни мерки на магистралните, регионалните, локалните патишта, сообраќајниците како и на улиците каде, е предвидено движење на делегацијата. Исто така полициски службеници ќе вршат известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата на потегот булевар „Туристичка-„Македонски просветители“- Кеј „Македонија“.

Предвидени се и мерки со специјално возило за подигнување и отстранување на неправилно паркирани и возила оставени на коловоз на овој патен потег, како и во стариот дел на градот каде, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила. – соопшти СВР Охрид.

Полицијата упати апел до граѓаните да ги почитуваат насоките и укажувањата на полициските службеници.

OhridNews