Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи, вчера спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Охрид и Струга, при што се санкционирани 179 (95+84) возачи.
Засилени контроли беа спроведени и во петокот кога беа изречени 115 казни во Охрид и Дебар.
Во најголем број казните се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, исто така и возење под дејство на алкохол, информира портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Евидентно е дека се подобрува дисциплината на возачите, а со тоа се намалува и бројот на сообраќајни незгоди. Кога ќе ја направиме споредбата ноември 2020 со ноември 2019, имаме значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди за 21%. Имаме исто така значително намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 36%, за дури 75% е намален бројот на загинати пешаци во сообраќајни незгоди, а исто така евидентно е дека имаме и намалување во бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и тоа за 47%. – истакна вчера во Охрид Ангеловски.

OhridNews












