Денес објавените резултати на Заводот за здравствена заштита, добиени од неодамна извршените испитувања на примероци од водата во близина на Центарот за едрење и влезот во каналот Студенчишта,  покажуваат дека водата е од петта категорија.


Резултатите кои денес ги добивме, добиени од извршената хемиска и микробиолошка анализа на земените примероци покажуваат дека водата кај Центарот за едрење е со висок степен на загаденост, односно станува збор за отпадна, фекална вода во која е забележан висок степен на органска материја, изјави за OhridNews Сашо Точков,  од охридскиот Завод за здравствена заштита.


Како што информираат од Центарот за едрење, проблемот со излевање на фекалиите од една од цевките која директно се излева во езерото, датира од пред неколку години.

Минатите години проблемот периодично се јавуваше, но оваа година излевањето на фекалиите е постојано. Смрдеата која се шири е неподнослива, но пред се ризично е и по здравјето на нашите членови кои токму од ова место, при своите тренинзи, влегуваат  во вода. Многу пати сме алармирале проблемот да се реши. Надлежните доаѓаат, ќе извршат увид, но и понатаму состојбата не се менува, вели Стефан Ставрев од едриличарскиот клуб “Бофор”.


Од ЈП Нискоградба, велат дека нивни екипи се на терен и дека работат на отстранување на проблемот. Според нив, станува збор за диви приклучоци на цевки од фекалната канализација од околните станбени објекти на цевката за одведување на атмосферската вода која се влева во езерото.

–  Работиме на откривање на местото на кое се извршени дивите приклучоци со цел тие што побрзо да бидат отстранети, информираат од јавното претпријатие.     

 Сериозноста на проблемот е уште поголема со оглед на тоа што оваа локација е во непосредна близина на градските плажи кои секојдневно ги посетуваат голем број капачи.

Тања Кувенџиска