Чествувањата на празникот на заштитникот на Охрид продолжија денеска со поклонение пред моштите на Свети Климент Охридски во истоимениот манастир на Плаошник, каде се одржа богослужба со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, свештеникот Атанас Казанџиски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски.

Богослужба на Плаошник по повод празникот Св. Климент. Фото: Дебарско – кичевска епархија

Ние денеска го прославуваме св. Климент Охридскиот Чудотворец. Во Евангелието ги слушнавме зборовите: Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си го полага живот свој за овците свои (Јн. 10, 11). Еве какви се добрите пастири. Тие ништо не жалат за своите овци, а добриот пастир го полага и својот живот за нив. Таков бил и св. Климент Охридскиот Чудотворец. Тој, покрај тоа што бил епископ, воопшто не се жалел и не внимавал на своето спокојство. Тој како да летал на крила за да им помогне на сите. Тој и ден и ноќ се заборавал во својот труд, само за да им се најде на сите во помош, учениците да ги поучи, стадото што му било доверено како на добар пастир, да го нахрани со духовна храна.

Таквите стануваат добри пастири, такви треба да станеме и ние. Добрите пастири се жртвуваат за своето стадо, а верниците, пак, треба да се жртвуваат еден за друг. Ние сме должни тоа да го правиме и ќе бидеме сочувани единствено ако се жртвуваме самите за нашите ближни и тоа ќе стане наш сигурен влог за идниот живот. – истакна во празничното обраќање Митрополитот Тимотеј.

Празнична атмосфера во Светиклиментовиот храм на Плаошник. Фото: Дебарско – кичевска епархија

Во рамки на чествувањата, делегација од општината положи свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ по што делегации од локалната власт, од збратимени градови со Охрид како и останати претставници од политичкиот и јавниот живот се поклонија и положија цвеќе пред споменик отна Свети Климент Охридски на градскиот плоштад, каде подоцнаградоначалникот Кирил Пецаков ги додели наградите од литературниот конкурс кој беше распишан по повод Свети Климент Охридски Патрон на Охрид.

Доделени наградите од литературниот конкурс по повод патронот на градот. Фото: Општина Охрид

Во I категорија за ученици од одделенска настава (од прво до петто одделение) наградена е поетската творба „Охрид градот на нашите просветители“ од Фросина Апостоловска, ученичка во четвртто одделение при ООУ „Григор Прличев“.

Во II категорија за ученици од предметна настава (од шесто до деветто одделение) наградена е потеската творба „Клименте“ од Сара Котеска ученичка во деветто одделение во ООУ „Кочо Рацин“.

Во III категорија за ученици во средно образование (од прва до четврта година) наградена е поетската творба „Светоста на твоето име“ од Симона Димитриеска, ученичка во прва година во ОСУ „Свети Климент Охридски“.

На наградените ученици им беа доделени парични награди и пригодни подароци, соопшти локалната самоуправа.

Прославите посветен на Св. Климент Охридски заштитникот на Охрид завршија вечерва со прикажување на филмот Раскажи песно: „Охрид, Охрид убав мил“ на режисерот Илија Пиперскоски.

OhridNews