Заврши караванот за вакцинација против КОВИД-19 што се реализираше во изминатите две недели. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека речиси 41,2 проценти од вкупното население е вакцинирано со две дози, а само седум проценти со трета (бустер) доза, но со караванот се очекува тој број да се зголеми.
Караванот почна на 21 март од Шуто Оризари, а заврши во Струга. Беа посетени 14-тина градски и рурални подрачја низ целата држава. Граѓаните имаа можност да се вакцинираат против Ковид-19, но и да се информираат за вакцинацијата и за придобивките од неа.
Според здравствените власти, невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смртен исход од КОВИД-19 во споредба со оние кои биле вакцинирани и затоа апелираат граѓаните да не ја одложуваат одлуката за вакцинирање.
Покрај караванот за вакцинирање, граѓаните имаат можност да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 8 до 14 часот.
Во изминатиот период рестриктивните мерки постепено се олабавуваат. Учениците од основно образование веќе не носат маски на училиште, а оваа обврска остана само за наставниот кадар. Повеќе не се бара сертификат за вакцинација или прележаност во трговските центри и во отворените делови на угостителските објекти.
Комисијата за заразни болести препорача маските да не бидат задолжителни за учениците во средните училишта и да се дозволи организирање на екскурзии. За овие препораки се чека потврда од Главниот кризен штаб и од Владата.
Инаку, соседна Грција вчера ги продолжи актуелните мерки и правила за патување за уште една недела. Тоа значи дека за влез во земјата остануваат задолжителниот европски сертификат за КОВИД-19, поврзан со вакцинација или прележана болест, како и негативниот резултат од ПЦР/рапид тест. Новата министерска одлука ќе важи до 11 април годинава.
Промени има и во однос на времетраењето на одлуката и овој пат е една, а не две седмици, како што беше случај досега, како и во одредбите за изолација во случај на позитивен резултат при тестирањето на влезните точки во земјата, одредби кои не се вклучени во новата одлука.

Влез во земјата е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 35 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија.
OhridNews














