Неколку дена пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, се вршат завршните припреми за големиот настан. Од организациониот одбор не информираат дека оваа година има преку 100 кандидати за „скокање“ по крстот. За највештиот или најсреќниот освен парична награда ќе има и подарок – резба со ликот на Свети Јован (види слика) изработена специјално за оваа пригода од мајсторот Кочо Аиноски.

Претходно, на 17-ти јануари, во ресторанот „Св. Софија“ ќе се предаде кумството од сегашниот, градоначалникот Петрески, на новите кумови на Водици: Ѓорѓија Митаноски, Антонио Стружанчев и Васко Маркоски, кои го добија кумството со наддавање.

„Од формирањето на здружението па досега, се трудиме секоја година да го организираме настанот – фрлање на крстот– што подобро и подобро, вели Димитри Пендовски, подпретседател на „Здружението на граѓани за целокупна афирмација на МПЦ“. Оваа година владиката Тимотеј ќе го фрла крстот од брод , во близина на пристаништето. Имаме најави за доаѓање на бројни гости, дипломатски делегации, странски амбасади. За нив е обезбедено посебно место. Спремена е бина за новинари и сниматели, а целиот настан ќе биде емитуван во живо, сателитски.“


Димитри Пендовски

На прашањето дали фрлањето на крстот е „варошка“ работа, односно дали се вистинити гласините дека целата работа е наместена, Пендовски одговара:

„Нема теорија некој да мести нешто. Точно е дека најголем број пати крстот го фаќале варошани, но се работи за вештина, некое искуство, а не некаква протекција или договор со владиката.“

Богојавление – Водици е празник кој заслужува и туристичка промоција, затоа голем број на хотели нудат ноќевања со 40 % попуст.

С. Костоски