Владата на седницата одржана вечерва, донесе одлука со која се прифаќа предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата Парк на природа.

На оваа одлука, претходеше одлука на Советот на Општина Охрид во месец јули, кој ја прифати Студијата за валоризација на Студенчишко Блато, што ја изготви еколошко – консултантското друштво „Деконс Ема“ од Скопје, и и предложи на Владата да го прогласи овој простор за заштитено подрачје.

Исто така, Владата ја разгледа и прифати апликацијата за номинирање на Охридско Езеро за место во Рамсарската листа.

Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да ја достави апликацијата за номинирање на Охридско Eзеро за место во Светската рамсар листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година. – соопшти владината прес служба.

Прогласувањето на Охридското Езеро во Рамсар подрачје, е од исклучитечна важност за заштита на бидиверзитетот на овој уникатен еко систем познат по бројните ендемски видови, од кои дел поради човечка негрижа изминатите децении се на раб на исчезнување.

Г.М.