Еден ден пред вториот круг од локалните избори 2021, во сабота (30 октомври) правото на глас ќе го остварат болните и изнемоштени лица, лицата кои се позитивни на Ковид-19, како и лицата на кои им е одредена мерка изолација.

Во Охрид правото на глас ќе го остварат вкупно 311 болни и изнемоштени лица. Од вкупниот број на гласачи од оваа категорија за вториот круг, во однос на првиот круг дополнително биле пријавени 112 лица. Во сабота ќе гласаат и вкупно 13 лица кои се Ковид позитивни и во изолација, информираат од ОИК Охрид

Од таму додаваат дека се завршени  дополнителните обуки за избирачките одбори, а избирачкиот материјал до избирачките места ќе се дистрибуира во сабота.

Право на глас во Охрид имаат 52 477 лица според единствениот избирачки список кои ќе гласаат на 88 избирачки места. Како и во првиот круг, 86 од нив остануваат на истите локации од последните парламентарни избори, а промени има кај 2 избирачки места. Избирачкото место 1256, кое беше сместено во Противпожарната единица во Охрид за овие локални избори се наоѓа во зградата „Братство единство“, на улица „7-ми Ноември“, а гласачите запишани на избирачкиот список кои живеат на улица „Лазо Трпоски“ сите од број 1 до крај, гласаат на избирачкото место 1274, што значи ќе гласаат во просториите на ОМУ „Методи Патче“.

И во Општина Дебрца нема промена на избирачките места во однос на првиот круг. Право на глас во Дебрца имаат 4350 избирачи во 28 избирачки места.

Како што информираат од ОИК Дебрца во вториот круг ќе гласаат вкупно 43 болни и изнемоштени лица, односно 8 луѓе се пријавиле дополнително во однос на првиот круг, додека 2 гласачи се ковид позитивни.

 

К.А.