Испитувањата на рибниот фонд во Преспанското Езеро спроведени изминатите седум месеци покажуваат дека кај рибите е регисртрирана покачена концентрација на тешки метали и хемиски агенси, изјави Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид по презентацијата на завршната верзија од Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро во Македонија, Албанија и Грција, што се одржа денеска во Охрид.

Спорд Спиркоски овие тешки метали се’ уште не влијаат негативно врз човековото здравје, но ја нагласуваат потребата од преземање итни мерки за заштита.

– Тоа е последица на засилената човекова активност на сите три страни од езерото. Евидентираните концентрации на ваквите непожелни материи преставуваат дополнителен проблем врз самата популација на рибите, преку пореметување на нивниот имунитет и репродуктивен циклус, што наведува на заклучок дека Преспанското Езеро плаче за спроведување мерки за редуцирање на неповолните човекови активности, рече Спиркоски.

Тој смета дека присуството на тешките метали и пестициди уште повеќе негативно влијае врз рибниот фонд на Охридското Езеро, кое е поврзано со Преспанското Езеро.

– Во Охридското Езеро живеат ендемични видови риба, пред се пастрмката, белвицата и јагулата, кои како предатори се хранат со зоопланктон и други риби, така што токму тие заштитени видови се најмногу изложени на опасноста од загадување со хемиски и билошошки агенси, објаснува Спирковски.

Инаку планот за управување со сливот на Преспанското Езеро е прв сеопфатен документ изработен од Република  Македонија согласно новите директиви за води на ЕУ, што ќе се користи како урнек за сите други планови за управување и стопанисување со сите сливови во земјата.

Како што истакна Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, планот предвидува грижа за Преспанското Езеро, со конкретни пакет-мерки што треба да бидат преземени за анулирање на несаканите аспекти детектирани со спроведените истражувања, како и конкретни рокови за нивна реализација.

OhridNews