Обилните врнежи од дожд кои го зголемија нивото на Охридското Езеро за 21 сантиметар, предизвикаа низа проблеми долж целото крајбрежје. Почнувајќи од преплавениот колекторски систем кај селото Подмолје и населбата Далјан, па се до поплавените  индивидуални куќи во Пештани.

Во ова охридско село, повеќе од еден месец подрумските простории во куќите се целосно под вода, а како што велат пештанци, проблемот се провлекува со децении.

Отсекогаш го имаме овој проблем. Поплавени ни се подрумските простории во куќите. И тоа не е само во нашата куќа, туку во повеќето во селото. Онаа пострашното допрва следува кога водата ќе се повлече. Како и да е, штетите се секогаш на наши грб.“  – вели Ристе Башоски, жител на крајбрежното село Пештани.

Некои од жителите на Пештани се жалат дека и покрај ветувањата,  до сега ниту една политичка гарнитура не го решила деценискиот проблем.

Доаѓале различни политичари со секакви идеи, но ништо од тоа. Секогаш кога нивото на езерото е високо како и сега, проблемот веднаш се појавува. Просториите кои се на исто ниво со езерото, буквално се под вода. Во нашите куќи имаме различни електрични апарати како шпорети, фрижидери и цела покуќнина, кои се оштетуваат. “ – вели друг жител на Пештани.

Популарниот „Цип“ или станбениот комплекс во близина на центарот на Пештани, веќе подолг временски период се наоѓа под вода.

Во овој станбен комплекс има повеќе дуќани кои се под вода. Тука се наоѓа и една продавница која претрпе големи штети. Жалосно е што еден ваков објект е целосно поплавен.“ – вели жител на селото.

Како што неодамна изјави професор д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник во Хидробиолошкиот завод, проблемот кој години наназад се повторува во голема мера е предизвикан од човекот.

Овој проблем навистина ни се повторува. Тој за жал е предизвикан со изградбата на црнодримските хидроелектрани, со цел земјава да има електрична енергија. Факт е дека треба да има електрична енергија, но станува збор  за акватичен еко систем од кој се зема вода за таа енергија. Проблемот настанува и лежи во нерегулираниот истек на водата од Охридското Езеро преку реката Црн Дрим.“ – истакна д-р Крстаноски.

Од Центарот за управување со кризи, инфомираат дека нивото на Охридското Езерото во последните два дена е непроменато, односно изнесува 693,96 што претставува дваесет и еден сантиметар над максималната кота која се наоѓа на 693,75 метри надморска височина.

Ако се знае фактот дека во неделата која ни претстои не очекуваат нови врнежи од дожд и неповолни временски услови, надлежните уште отсега ќе имаат полни раце работа.

O.T.