Зголемување на индексот на цените на угостителските услуги во ноември 2021 година, во споредба со октомври 2021 година се бележи според податоците на Државниот завод за статистика. Во споредба со октомври 2021 година, индексот на цените е зголемен за 0.5 %, додека во споредба со ноември претходната година се бележи зголемување за 1.2 %. Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски евентуалното зголемување на цените нема да доведе до откажување на туристички аранжмани, бидејќи новата реалност предвидува поскапи услуги и поразлични профили на туристи. Како што вели, раст на цените се бележи на светско ниво во текот на целата година за 20-30 проценти.
Цените и прагот на рентабилноста се одредуваат и според други поскапувања во други одредени сектори. Во зависност од поскапувањата на тие сектори ќе зависи и услужната дејност и туристичко-угостителскиот сектор, така да ако имаме зголемување на струјата и во другите сектори секако дека ќе треба да очекуваме зголемување и во туристичкиот- угостителскиот сектор, вели Јаневски.
Пример дека се менува профилот на турист е изминатата сезона кога во Охрид престојуваа групи на туристи од помлада генерација кои што сакаат алтернативен вид на туризам , кои се насочени кон активен туризам и понудата треба да се прилагодува кон нивните барања, дециден е Јаневски
Се повеќе и повеќе ќе се бараат селективни форми на туризам и дневни прошетки и екскурзии. Тоа што Охрид и Македонија треба да го понуди е многу брзо прилагодување на новите трендови и потреби на сегашните туристи. Треба да се зголемува услугата во хотелските објекти, треба да ја подигаме уште повеќе гастрономијата на ниво кое што очекуваат да го добијат. Тогаш цените нема да бидат важни, тогаш ќе биде важна услугата а секој задоволен турист повторно ќе ја препорача дестинацијата. Охрид не треба и не смее да биде евтина дестинација, Охрид треба да понуди нешто што другите дестинации го немаат. Во овие неколку години имаме шанса да изградиме туристички сектор кој ќе се базира на одржливост, сектор кој ќе нема пик сезона само од еден месец и аранжмани за домашни туристи, вели Јаневски.
Како што додаде тој во 2021 година во државава се бележи зголемување на бројката на туристи за 40 до 50%,а надежите се дека годината ќе се заврши со 2.2 милиони ноќевања.
Проекциите за 2022 година се дека ќе се остварат нешто повеќе од 2, 5 милиони ноќевања, согласно тоа што веќе се потпишани дел од хотелските аранжмани почнувајќи од мецец мај со туристички оператори за лето 2022 година од Холандија, Белгија, Полска и Велика Британија. Дополнително се најавени чартерите од Полска, Катовице и Варшава, а се преговара за сервисирање на тури од Руската федерација и Украина.
К.А.













