Иако после две децении  градот доби кафези каде привремено можат да се сместат бездомните животни, сепак и натаму проблемот со уличните кучиња во Охрид не е целосно решен. Граѓаните ги поздравуваат активностите на локалното Здружение за заштита на животните „Анималиа“  потмогнати од ЈП „Охридски Комуналец“  и локалната самоуправа, но сметаат дека на Охрид му е неопходно посоодветно прифатилиште од затворен тип.

Од „Анималиа“ потенцираат дека и покрај поддршката која ја добиваат од надлежните, потребна е поголема помош со оглед на тоа што нивните активисти се невработени.

Освен тоа што ЈП Комуналец и општината ни излезгоа во пресрет за изработка на кафезите и просторот, битката која ја водиме бара многу поголема помош од таа. Повеќето од нашите активисти се невработени и едвај наоѓаат начин како да се снајдат околу исхраната и ветеринарните услуги. При тоа, мораме да потенцираме дека имаме одлична соработка со ветеринарот Тони и ветеринарот Оливер.“ – велат од „Анималиа“.

Долгорочна стратегија за справување со проблемот, прифатилиште од затворен тип?

Од локалното Здружение „Анималиа“ информираат дека работат на конкретна стратегија за решавање на долгорочниот проблем, преку примена на хуманиот метод „Залови, Стерилизирај, Обележи (Чипирај) и Врати.“, како и преку изградба на прифатилиште од светски рамки.

Една тура успеавме да направиме, а сега работиме на тоа да направиме уште една тура. Ама за тоа ќе ни треба и помош од општината (финансиска и околу обезбдеување покриен и затоплен простор за привремено сместување на тазе стерилизираните животни). Следејќи го „Правилникот за техничките услови во прифатилиштата, условите за чување на животните во нив, постапките за еутаназија, начинот за водење евиденција и начинот за вршење надзор, форма и содржина на регистарот и начинот на регистрација, како и информации потребни за регистрација“ имаме солиден предлог за изградба на прифатилиште од светски рамки, кое мора да биде под наша контрола, имајќи предвид како неетички функционира прифатилиштето Вардариште во Скопје. Секако, ни треба поддршка и разбирање од локалната и централната власт. Во Одлуката за комунален ред за општина Охрид се предвидува изградба на прифатилиште (член 141), обезбедување персонал (член 143), стерилизација и вакцинација (член 144)“ – велат од „Анималиа“.

Иако со допис се обративме кај надлежните дали е предивдена изградба на прифатилиште од затворен тип кој треба долгорочно да го реши проблемот со бездомните животни во Охрид, сепак одговор не успеавме да добиеме.

Охридските ветеринари ги поздравуваат напорите на „Анималиа“ и надлежните

Охридските ветеринари ги поздравуваат заложбите на локалната самоуправа, ЈП „Охридски Комуналец“ и локалното Здружение „Анималиа“, напоменувајќи дека после две децении градот конечно добил кафези каде привремено можат да се сместат бездомните животни.

Конечно после 23 години локалната самоуправа и „Комуналец“ излегоа во пресрет на сите граѓани на Охрид и им овозможија на активистите на „Анималиа“ кафези, каде ќе можат привремено да се сместат уличните животни. Морам да напоменам дека и градоначалникот Бакрачески е голем љубител и сопственик на домашен љубимец. Исто така, тука се дечките од „Анималиа“. Ретко може да се сретне такво хуманитарно ангажирање од страна на младите во Охрид. Со своите идеи и трошење од сопственото време, успеаа да извлечат три-четири кафези за да ги згрижат животните. Тоа е за големо поздравување. На еден начин, работат не само во интерес на животните, туку и на самиот град. Тоа ретко се случува.“ – вели Тони Танкоски, доктор по ветеринарна медицина.

Опасности и болести кои можат да ги пренесат бездомните животни

Како што објаснува Танкоски, уличните животни не се третираат со медикаменти и вакцини против заразни болести и паразтити, па оттаму тие претставуваат потенцијална опасност по здравјето на човекот.

Опасноста е тоа што бездомните животни не се третираат со медикаменти против паразити, кои се опасни за луѓето, а се исфрлуваат преку изметот. Исто така, тие не се третираат со вакцини и се потенцијален извор на болести како што е беснилото.“  – објаснува Танкоски.

Човечкиот фактор причина за агресија кај животните

Танкоски потенцира дека човечкиот фактор е една од главните причини, поради кои уличните животни стануваат агресивни и напаѓаат луѓе.

Тие кучиња се изложени на глад, имаат неадекватен третман, а од одредена група луѓе се бркани и малтретирани. Затоа стануваат агресивни, а агресијата ја манифестираат преку физички напади на луѓето.“ – потенцира Танкоски.

Несовесни поединци ги трујат животните

Фактот што загрижува е тоа што непознати и несовесни поединци, проблемот со уличните животни се обидуваат да го решат расфрлувајќи отров по охридските населби.

Напоменуваме граѓаните да престанат да ги трујат животните, затоа што тоа е противзаконски и Анималиа ќе вложи огромни напори за таквите бесчуствителни сторители да ја добијат заслужената казна. Како што налага Законот, со 3.000 евра ќе се казни физичко лице ако предизвикува болки, патење или повреди на животните.“ – велат од „Анималиа“.

O.T.