Пред Владата и вечерва се одржа протест под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“, преку кој се бара да се отфрли францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија и деблокада на интеграциите на државава во Европската унија.

И денеска протестот почна со химната и патриотски песни, по што следеа обраќања. Пејачот Ламбе Алабакоски по својот настап запали лист хартија на кој беа испишани Преспанскиот, Бугарскиот и Францускиот додовор, велејќи дека ако неговата дијагноза е пироман нивната (на владата) е предавничка.

Дел од учесниците на протестот кон владината зграда фрлаа јајца, шишиња, цвеќе,… а откако ја поминаа заштитната ограда се стационираа пред кордонот полицајци. Скандираа „Оставка“ и пееја патриотски песни.

Околу владината зграда видливо беше засилено полициско обезбедување.

Протест против Францускиот предлог вечерва има и пред Собранието

Учесниците на протестот се упатија кон Собранието од пред владината зграда, каде исто така беше урната заштитната ограда а дел се стационираа во владиниот двор.

Урната е заштитната ограда, а главниот влез на Собранието е обезбеден од кордон полицајци.

Протестот официјално нема организатор, но е поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.

OhridNews