Група ѓраѓани кои живеат на дел од улицата „Момчило Јорданоски“ реагираат затоа што при неодамнешните зафати на локалната самоуправа пред нивните домови само делумно била асфалтирана улицата.

– Пред неколку години, сопствениците на куќи на дел од улицата, самоиницијативно, преку самопридонес, поставија асфалт. Не помина многу време, општината, преку свое јавно претпријатие, започна со поставување канализациона мрежа. За таа потреба, свежо асфалтираната улица се ископа на средина, но откако работите завршија, само се затрупа со земја и така остана неколку години. Никој не дојде, како што, претпоставуваме, наложуваат правилата, да ја врати во првобитна состојба улицата. Она што уште повеќе нè вознемири, е што тоа сме го платиле од сопствен џеб, а сега, немаше слух да се санира, велат граѓаните.

Улицата се наоѓа во непосредна близина на Општа болница, и се поврзува со онаа која беше асфалтирана минатата година и се изврши поставување тротоар од едната страна.

– Неодамна, двете улички кои се поврзуваат со нашата, а дополнително и со таа улица, беа асфалтирани. Новиот слој асфалт зафати и еден краен дел од веќе асфалтираниот (и раскопан) крак на нашата уличка, но наместо да продолжи уште триесеттина метри, застана тука, а до крајот на улицата, во преостанатиот дел, само се асфалтира средината, иако, со текот на годините, од песокот, ситните камења, од она што после дождовите и ветровитото време се распрскуваше по уличката, почна да страда и постариот асфалт, велат жителите.

Додаваат дека уредно ги плаќаат сите комунални давачки, даноци, ги почитуваат сите правила, па согласно тоа локалната самоуправа ќе одговори на нивните барања и ќе се постави асфалт, како што велат, за да не биде уличката со еден мал дел саниран, а останатиот дел само прикрпен.

OhridNews