Со мирен протест од околу половина час, жителите на Дебрца денес повторно ги изнесоа своите барања за дислоцирање на асфалтната и бетонска база од најплодното земјиште во општината.
Тие потенцираат дека изградбата претставува еколошка закана за животната средина затоа што испарувањата при топењето на битуменот се канцерогени со што ќе се загрози целиот простор, како земјиштето, така и воздухот, бидејќи ќе има емисија на честички опасни по здравјето на луѓето.
– Бараме ова да прекине и да се гради базата на друго место. Локација нека бараат на друго место, Албанија нека одат, не мора овде во Дебрца, вели револтиран жител кој беше дел од протестот.
Претседателот на месната заедница на Белчишта, Димитрија Трпоски, побара објаснување од градоначалникот Игор Трајкоски, дали во проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид била предвидена изградбата на базата.
– Градоначалникот да му објасни на месното население дали во проектот е предвидена изградба на асфалтна база токму тука, на ова место Царево поле. Јас колку што сум информиран не требаше овде да има база, изјави Трпоски.
Градоначалникот Игор Трајкоски со краток коментар-дека не гледа причина за протести доколку се запазени законските прописи.
– Се работи за изградба на асфалтна и бетонска база во областа Ново село во функција на изградба на самиот автопат. Доколку се запазуваат сите законски прописи не гледам зошто да не се изгради оваа асфалтна база, вели Трајкоски.
Сопственикот на имотот на кој се гради базата, Ѓорѓи Димоски, тврди дека активностите се одвиваат легално со дозвола од надлежните институции и дека нема да има загадување, бидејќи реката со која се наводнува полето била далеку. Вели дека Дебрца има бенефит од изградбата на базата бидејќи фирмата која ќе ја експлоатира го вработува локалното население.
– Ова е рентабилна фирма која има запослено по цела Дебрца најмалку 200 луѓе. Сите од нив редовно земаат плати, осигурани се и сите се задоволни. Доколку не беше оваа фирма, луѓето ќе беа веќе избегани по светот. Реката е далеку и нема вливање на отпад од базата, затоа што нема никаков отпад, се произведува асфалт за патиштата, вели Димоски.
Жителите на Дебрца и претходно одржаа мирни протести против изградбата на асфалтната и бетонска база во атарот на Ново Село. Тие се категорични- доколку надлежните останат глуви на нивните барања ќе ги радикализираат протестите, односно ќе го блокираат патниот правец Охрид-Кичево.
OhridNews


















