Жителите од Урбаната заедница 1 – Стар град, се против продолжување на работното време на угостителските објекти. Со одлука на Советот на општина Охрид, донесена вчера, тие 23 дена од јуни до август кога има зголемен бврој туристи ќе работат со продолжено работно време, со што не се согласуваат жителите од стариот дел на градот кои бараат сите активности да се прекинат до 24 часот. Ваквата одлука според нив негативно ќе влијае на туризмот, бидејќи сместувачките капацитети изградени во овој дел од градот трпат штети  поради зголеменото работно време на угостителските објекти.

Tие имаат сериозни забелешки и на работата на угостителските објекти на плажите издадени под концесија, од кои бараат да го почитуваат законски утврденото работно време.

-Да се почитуваат законските  обврски преземени од концесионерите на плажите и стриктно да се придржуваат до работното време, односно да не се дозволи на плажите да се организираат настани и концерти после пропишаното  работно време, бидејќи немаат лиценца за работа како дискотеки на отворен простор, се вели во реакцијата на жителите од Стар град.

Тие исто така бараат да се преиспита и режимот на сообраќај во ценралното градско подрачје, посочувајќи дека туристите ќе имаат сериозни проблеми со ориентацијата, бидејќи улиците не се добро обележани и нема доволно сообраќајни знаци.

OhridNews