Грција да го напушти принципот за ерга омнес име, изјави Љупчо Зиков, претседател на Алијанса за позитивна Македонија во неделното интервју на Радио Слободна Европа, пренесува „Макфакс“.

„Нашата црвена линија е дека треба да го одбраниме нашиот идентитет. Нашата црвена линија е следна: Македонското име, Република Македонија, уставното име треба да се задржи. Тоа ако се реши, Македонија може да разговара за име за меѓународна употреба или за промена на референцата, кој како сака нека го каже. Тоа подразбира Грција да го напушти принципот за ерга омнес име“, рече Зиков.

Тој понатаму додава дека развојот на Македонија во правец на отворање на 100 илјади работни места треба да оди пред сè со една политичка одлука, нормално на Владата, дека Македонија ќе се развива со 6 до 8 проценти годишно.

Според него, станува збор за политичка волја бидејќи, како што рече, досега немаше волја за отворање на работни места во македонските компании.

На прашањето, кој ќе биде нивниот кандидат за претседател на претстојните избори, Бучковски или Јорданов, Зиков одговара:

„Алијансата ќе има свој кандидат на претседателските избори. Ние не можеме да го кажеме во моментов името на нашиот кандидат, консултации се прават. Освен овие две имиња, размислуваме уште за некое име. Консултациите се одвиваат во моментов, би било крајно несериозно да лицитираме, гледам деновиве лицитираат разни имиња во медиумите“, додава Зиков.

OhridNews
извор:„Макфакс“