Младинскиот културен центар Битола (Волонтерски центар на Македонија) го додели Златниот сертификат за волонтерство во 2021 година на Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид  по повод 5-ти декември, меѓународниот ден на волонтерите.
Националната волонтерска награда, МКЦ Битола ја додели на ПСС Охрид за реализираните операции во текот на изминатата година.

Оваа година доделуваме Златен сертификат за волонтерство во 2021 година на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид затоа што службата годинава реализираше 12 спасителни операции за извлекување и помош на повредени лица, 25 асистенции за извлекување на заглавени возила во снег на Галичица, 2 спасителни операции за извлекување на домашни миленичиња, а учествуваше и во гаснење на шумскиот пожар на планината Галичица, асистирајќи им на надлежните служби. Затоа што оваа Служба прави да се чувствуваме безбедно во регионот околу Охридското Езеро, соопштија од МКЦ Битола.

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид е доброволна волонтерска организација, која делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Ресен и Поградец. Јадрото на Службата го сочинуваат искусни алпинисти од Алпинистичкиот клуб „Патагонија Охрид“, кои партнерски со Црвен крст Охрид ја развиваат службата уште од самите почетоци. Во моментов, во Службата волонтираат петнаесетина спасители обучени да делуваат на комплексен технички терен, како и повеќе од 30 волонтери, искусни за пребарување и спасување на нетехнички планински терен.

Волонтерскиот ентузијазам, владеењето на алпинистичките вештини и стремежот за исполнување на највисоките светски стандарди, поткрепени со доверба од институциите и заедницата, секогаш резултираат со квалитет, истакнаа од Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

Инаку, Младинскиот културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија), Националните волонтерски награди ги востанови од 2006 година со цел  оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.

 

OhridNews