Најстарите предмети, во овој мал, но исклучително богат простор, Златната соба во музејот „Куќата на Робевци“, потекнуваат од шестиот и петиот век пред новата ера, односно архајскиот и класичниот период. Во неа е отсликана културата и традицијата, преку големо богатство од материјали, кои сведочат за историјата на Охрид.
Директорот на Завод и музеј – Охрид, Мишко Тутковски потенцира дека Охридскиот регион има богати наоди кои датираат и од хеленистичкиот период, 4,3 и 2 век пред новата ера, каде значајно е поставувањето на златен или сребрен накит на покојниците. Артефактите во собата, вели, не застануваат во тој период, има и се она што имаме и од новата ера, од римскиот период па се до средновековниот.
Охридската златна збирка е многу побогата од сите заедно во Македонија. Во Златната соба внатре навистина имаме едно големо богатство од материјали кои сведочат за историјата на овој град. Треба секој кој доаѓа тука да ги види, затоа што на тој начин најдобро ќе се запознае со историјата, културата, уметноста, традицијата на Охрид и целиот регион. Поаѓајќи од тоа посетителите ќе ја запознаат и целата историја на градот Охрид, вели Тутковски.
Музејот „Куќата на Робевци“ не е многу посетуван споредбено со другите локалитети како Самуиловата тврдина и Заливот на коските, но најголем дел од посетителите сакаат да ја видат Златната соба, при тоа незнаејќи дека таму има еден голем број археолошки артефакти, додава Тутковски.
Охридската златна соба открива вековната занаетчиска традиција во градот, вели археологот и водич во музејот „Куќата на Робевци“, Атанас Кипров.
Во Златна соба поместени се филигрански предмети и накит, што говори за вековната традиција во изработка на филигранската техника во Охридскиот регион од крајот на 3 и почетокот на 2 век пред новата ера. Тоа е период кога градот Охрид или Лихнид, како што бил познат во антиката го доживува најголемиот процут. Тоа го докажуваат богатите гробни прилози, кои не се изолирана појава. Во секој гроб има барем по еден чифт златни обетки, не ретко комбинирани и со огрлица, ѓердан и други декортивни елементи. Постојат претпоставки дека дел од овој накит бил произведуван тука. Можеме да кажеме дека Охрид има богата традиција во изработка на филигран, која се следи од крајот на 6 век пред новата ера, локално производство од 3 век пред н.е., раскажува Кипров.
Забележа дека златните предмети, маски, ракавици… се со идентичен мотив и се претпоставува дека се изработувани во Охрид, во една иста работилница.
Голем дел од наодите, презентирани во Златната соба, меѓу кои златната маска, отпатувале на повеќе изложби во светот.
OhridNews














