Од Здружението на новинари изразуваат незадоволство од предложените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои по кратка постапка ќе се најдат на дневен ред на собраниска седница.

Од ЗНМ потенцираат дека се незадоволни од начинот како владата ги менува  медиумските закони, нетранспарентно и без сериозно образложение.

– Во ниту една демократска земја медиумските закони не се носат без јавна расправа и без присуство на опозицијата во Парламентот, заради важната улога што ја имаат медиумите во секое демократско општество. Владата интервенира во делот на предлагачите на членовите на програмскиот совет на Македонската радио-телевизија. Сегашното решение предвидува мнозинско здружение на новинарите да предлага двајца членови во Програмскиот совет, додека со измените се бара  предлагачи да бидат двете новинарски здруженија. Ние сметаме дека владата не треба да го менува законот пред да почне да го применува. Очигледно е дека на некој не му се допаѓа тоа што овие два члена во програмскиот совет на МРТ треба да ги предлага ЗНМ, како мнозинско здружение.  Тоа покажува дека владата ги менува сопствените закони кои не и одат во прилог на нејзините интереси, велат од здружението на новинари.

Во врска со измената на законот со која домаќинствата приматели на социјална  помош се ослободуваат од плаќање на радиодифузна такса, од ЗНМ со став дека ваквото решение претставува упад врз финансирањето на Македонската радио-телевизија.

– Ние имаме разбирање што владата води сметка за стандардот на социјално загрозените семејства, меѓутоа тоа не смее да биде на штета на нормалното работење на јавниот сервис, кој треба да има одржлив извор на финансирање, од кој во голема мера зависи и неговата институционалната независност. Ако владата сака да ги ослободи од плаќање на радиодифузната такса ранливите категории на граѓани, тогаш треба да надомести тој дел од средствата на МРТ, велат од ЗНМ.

Од таму потенцираат дека со ваквото однесување на владата, кое е во спротивност со европските стандарди и практики, не може да се подобри и така влошениот имиџ на земјата во светот заради непочитување на слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Додаваат дека за драматичното паѓање на Македонија на светските ранг листи за слобода на изразување , владата одговорноста не треба да ја бара кај други, туку да сфати дека со нејзиното однесување во голема мера придонесува за ваквата состојба.

Од ЗНМ со апел владата да ги повлече од собраниска процедура измените и дополнувањата на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и да се даде можност на новинарските и медиумските организации да се произнесат за нив.

OhridNews