Договорот на партиите за медиумите е обична политичка фарса и не обезбедува вистински реформи во нив. Во овој договор нема одржливи решенија, со кои ќе се ослободат медиумите од контрола на партиите. Напротив, договорот уште повеќе ќе го партизира медиумскиот систем, рагираа денеска од страна на Здружението на новинари на Република Македонија.

-Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија остануваат под контрола на владејачките партии. Ново е што можност да врши притисок врз овие институции добива и опозицијата. Место независно и професионално регулаторно тело и МРТ, сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијанија. Формирањето на ад- хок  партиско тело во рамките на Агецијата за медиуми, кое треба да го мониторира известувањето на медиумите сто дена пред изборите, е неприфатливо за нас. Единствено решение е избор на нов Совет на Агенцијата, каде ќе се изберат независни и стручни лица, велат од ЗНМ.

Оттаму нагласија дека нема да учествуваат во партиските консултации за формирање на ова тело, затоа што не сакаат да легитимираат неодржливи и партиски решенија, кои нема да бидат во интерес на новинарите.

-Апсурдно е и решението за МРТ. Партискиот уредник на власта, ќе се замени со партиски послушник од опозицијата. Со тоа, уште повеќе ќе се засили партискиот притисок врз МРТ, која место сервис на граѓаните, ќе биде заложник на партиските интереси. Ако сакаме независен и професионален јавен сервис, раководните структури на МРТ треба да се департизираат и да се обезбеди независен и одржлив извор на финансирање, потенцираат од ЗНМ.

Оттаму констатираат дека во Македонија нема политичка волја за вистински реформи во медиумите и потписниците на Договорот од Пржино немаат намера да ја демократизираат земјата, а уште помалку да ја интегрираат во ЕУ и НАТО.

OhridNews