Здружението на новинарите на Македонија бара политичарите да престанат да етикетираат медиуми. Реакцијата на ЗНМ се однесува на говорот на  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој за време на митингот во Крушево, кажа дека СДСМ ги вклучило своите скапо платени главни уредници и медиуми да лиферуваат анкети.

Настапот на Мицкоски коинцидираше со објавата на анкетата на ТВ Телма. Ваквите јавни настапи на политичарите се неприфатливи и претставуваат директна закана кон работата и уредничката независност на медиумите и служат да го дискредитираат начинот на кој тие работат. Го повикуваме раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ да се извини на телевизијата и во иднина да се погрижи да не се етикетираат ниту медиумите ниту новинарите, бидејќи тоа може само да ја влоши состојбата на слободата на изразувањето во државата, а таквиот наратив може да поттикне напади врз новинарите, снимателите и фоторепортерите кои работат на терен. – стои во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ потсетува дека доколку политичарите или било кој друг има забелешки за начинот на кој известуваат медиумите можат да поднесат претставки до медиумските саморегулативни тела и тоа до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија.

Исто така, ги потсетуваме и медиумите кои известуваат за предизборната кампања дека треба да се придружуваат кон Етичкиот кодекс на новинарите и да објавуваат проверени и точни информации. –  стои во соопштението на ЗНМ.

OhridNews