Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека како дел од активностите на секцијата на сниматели во Струмица се одржа тридневна работилница на тема: „Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите”.
Според ЗНМ, основната цел за ваквите средби помеѓу снимателите и новинарите е преку детектирање на проблемите во секојдневната работа, со активно учество преку нудење аргументирани решенија, да се обидат да ги надминат предизвиците и да направат позитивни промени во заедничката работа.
На работилницата во Струмица, поздравни обраќања имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и координаторот на секцијата на сниматели, Трајче Илиевски.
Чадиковски изјави дека е важно преку заедничка дискусија и изложување на проблемите и потенцијалните решенија да се подобрува комуникацијата и да се унапредуваат вештините на снимателите, новинарите и медиумските работници.
Практиките, новинари и сниматели заедно да дебатираат за предизвиците во новинарството ќе помогне кон подигнување на квалитетот на тимската работа, во дух на заедничко разбирање и на крајот, поквалитетен продукт, сторија, репортажа, потенцираше Чадиковски.

Многу ме радува што на оваа средба овие неколку дена ќе разговараме за предизвиците и да ги извадме проблемите на виделина со што ќе предизвикаме нивно надминување и заедно како професионалци да ја почитуваме професијата, но и да ги вратиме оние стандарди кои постоеа претходно, рече Илиевски.
Во работниот дел на работилницата свои излагања имаа новинарите Нора Калиќи, Мишко Иванов и Среќко Поповски, снимателите Зоран Догов и Роберт Коцев. Дискутантите говореа за меѓусебната соработка, комуникацијата и координацијата помеѓу новинарите и снимателите. Дебатата беше фокусирана и на компаративните искуства и конкретни предлози како да се унапреди взаемната соработка. Практични вежби со симулација беа составен дел на вториот работен ден од работилницата каде што активно учество имаа снимателите и новинарите.
Една од поважните теми за која се разговараше на работилницата беше и безбедноста во новинарството која се уште е предизвик во секоја област од новинарството.
На настанот учествуваа сниматели и новинари од национални и локални тв станици, како и од сите редакции на јавниот сервис. Настанот е организиран во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување”, финансиран од ЕУ.
OhridNews













