Блокирањето на сметката на Македонската радио телевизија од страна на Управата за јавни приходи претставува дрзок упад на владата врз институционалната автономија на јавниот сервис. Блокирањето на сметката е смислен притисок на власта со цел да го дисциплинира јавниот сервис и да влијае на начинот на известување во пресрет на предвремените избори, смета Здружението на новинари на македонија – ЗНМ.

„Ваквите притисоци треба да го оневозможат јавниот сервис да обезбеди еднакво медиумско претставување на сите учесници во изборниот процес.
Апсурдно е УЈП да глуми финансиска дисциплина и да ја обвинува МРТ за неплаќање на даноците кога самата Управа не е во состојба да ја наплати радиодифузната такса, што е основен извор на финансирање за јавниот сервис. Место да ја блокира сметката на МРТ, УЈП треба да и објасни на јавноста зашто досега не ја исполнува законската обврска и во целост не ја наплати таксата. 

Повикот на владата УЈП и МРТ да се спогодат околу наплатата на даноците е чисто лицемерие, кога владините партии не дозволуваат да се постигне решение за стабилно финансирањето на јавниот сервис. Владата со глумење конструктивност не може да ја сокрие одговорноста за лошата финансиска состојба на јавниот сервис.“ – стои во соопштението на ЗНМ, кое бара УЈП веднаш да ја деблокира сметката на МРТ и сериозно да се заложи за наплата на радиодифузната такса и да се обезбеди нормална работа на јавниот сервис. 

OhridNews