Oдлуката на Уставниот суд дека насилното бркање на новинарите од собраниската галерија на 24 декември 2012 година, со која не утврди прекршување на правото на слобода на изразување, е скандалозна, апсурдна и крајно опасна за демократскиот развој на земјата, велат од Здружението на новинарите на Македонија.

„Скандалозно е што Уставниот суд  не утврди очигледна повреда на членот 16 од Уставот, кој забранува цензура и гарантира слобода на изразување и слободен пристап до информациите од јавен карактер. Апсурдно е уставните судии да тврдат дека новинарите биле спречени да известуваат за седницата за буџетот заради нивната безбедност. Новинарите не беа дел од инцидентот, не се чуствуваа загрозени, ниту бараа од некого заштита. Каква е таа безбедносна проценка дека новинарите се позагрозени  од пратениците на власта и членовите на влада кои останаа во пленарната сала каде се случуваше инцидентот?.“ – велат од ЗНМ.

Оттаму со став дека нејасно е зошто Уставниот суд не организирал јавна расправа при разгледување на иницијативата на ЗНМ, во која ќе беа  повикани сите засегнати страни , претседателот на собранието , шефот на собраниското обезбедување, пратеници и новинари.

„Да имаше ваква јавна расправа судиите ќе беа запознаени со сите околности од инцидентот и немаше да напишат во образложението на  одлуката дека од пленарна сала некој фрлал со тврди предмети во правец на галеријата каде што беа новинарите. Најодговорно тврдиме дека додека новинарите беа во галеријата никој не фрлаше кон нив со тврди предмети.“  – велат од ЗНМ.

Од ЗНМ потенцираат дека Уставниот суд со одлуката за 24 декември, испраќа крајно опасна порака до сите новинари и граѓаните на Македонија, односно дека членот 16 од Уставот е само декларативно право.

„Најповиканата институција која треба да ги заштити правата и слободите на граѓаните не е во состојба да утврди повреда и со тоа го гарантира ова право. Со тоа Уставниот суд се стави во одбрана на една очигледна злоупотреба на законодавната и извршната власт, и ги охрабри институциите во иднина уште подрастично да го ограничуваат правото на слобода на изразување и слобода на медиуми. Ваквото однесување на Уставниот суд уште повеќе ќе го влоши и така лошиот имиџ на Македонија во светот како земја со делумна слобода на изразување.“ – потенцираат од ЗНМ.

Тие најавуваат дека правдата ќе ја бараат во  Европскиот суд за човекови права во Стразбург.

„Веруваме дека Судот за случајот од 24 декември со новинарите ќе утврди повреда на правото на слобода на изразување и информирање затоа што бркањето на новинарите не е направено согласно закон, кој бара двотретинско мнозиство за затварање на собраниските седници, туку е направено врз основа на безбедносна проценка на собраниското обезбедување. Одлуката не заштитува легитимна цел затоа што во овој случај немаше повисока цел од слободата на изразувањето и правото на јавноста да знае и интервенцијата на државата не беше неопходна во демократско општество.Овие се појдовни принципи од кои се раководи Судот во Стразбур кога одлучува за предмети поврзани со повреда на членот 10 на Европската конвенција за човекови права.“ – велат од ЗНМ.

OhridNews