Досегашниот потпретседател и кандидат за лидер на СДСМ, Зоран Јовановски, ден по изборот на Зоран Заев за претседател на партијата, изјави дека го напушта политичкиот ангажман и се враќа само на професионалниот.

– Јас во мојот живот никогаш не сум калкулирал, туку сум се однесувал чесно и достоинствено. Така влегов во оваа приказна, така и излегувам. Ќе продолжам и понатаму да се борам за вредностите во кои силно верувам, но отсега тоа ќе го правам на лично, индивидуално ниво. Од денес се враќам во полн капацитет на мојот професионален ангажман, рече Јовановски.

Јовановски му се заблагодари на досегашниот претседател Бранко Црвенковски за честа и можноста што му ја дал во изминатите четири години да биде потпретседател на партијата, како и на делегатите кои на вчерашниот Конгрес гласале за него.

– Сакам јавно да му ја честитам победата на новиот претседател Зоран Заев и да му посакам среќа во иднина“, рече Јовановски.

Според него, вчерашниот Конгрес поминал во убава, демократска атмосфера, онака како што доликува на една голема, силна и моќна партија. Со тоа се заокружи постапката за избор на претседател на СДСМ, која била демократска, отворена, транспарентна, и со која се поставиле нови стандарди во политичкото функционирање во Република Македонија.

OhridNews
Makfaks