ЈП „Билјанини Извори“ воведе нов софтверски систем за паркирање, со кој на граѓаните и посетителите им се овозможува побрзо, поедноставно и целосно онлајн плаќање на паркинг-услугите. Со новиот систем, како што информираат од претпријатието, месечните билети за паркирање може да се купат и платат онлајн, без потреба од физичко доаѓање во просториите на претпријатието и без плаќање во готово.
Месечните билети се целосно виртуелни и се поврзуваат директно со регистарската ознака на возилото, со што се елиминира потребата од хартиени билети, налепници или нивно поставување во возилото. Дополнително, за странските гости и туристите е овозможено едноставно плаќање преку QR-кодови, кои директно ги пренасочуваат кон страницата за онлајн наплата. На овој начин, плаќањето може да се изврши брзо, сигурно и без потреба од готовина или посета на продажно место, посочуваат.
Новиот систем, потенцираат, овозможува онлајн купување и продолжување на месечни билети, виртуелни билети поврзани со регистарската ознака, плаќање со платежна картичка, едноставно плаќање за странски гости преку QR-код, побрза и поефикасна контрола на паркирањето, како и намалување на административните постапки и чекањето во редици.
Со воведувањето на новиот софтвер се стремиме кон постепено намалување на физичката наплата и поголема примена на современите, безготовински начини на плаќање. Целта е да обезбедиме побрза, посигурна и потранспарентна услуга, достапна во секое време и од која било локација. Ј.П. „Билјанини Извори“ продолжува со модернизација на паркинг-услугите и создавање поедноставен, подостапен и поефикасен систем за сите корисници, додаваат од претпријатието.
OhridNews














