Денеска се навршуваат 22 години од атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Тој го преживеа нападот со тешки повреди во главата, а до денеска сè уште е отворена истрагата за овој случај. Во атентатот загина возачот на Глигоров, Александар Спировски, а беше повреден телохранителот, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

И по 22 години, останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движело кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.

OhridNews

Макфакс