„Нека ни е честита самостојна и независна Македонија!“ – Ова беа зборовите на претседателот Киро Глигоров кој на преполниот плоштад во Скопје на 8 Септември 1991 година ги официјализира резултатите од референдумот на кој македонскиот народ со огромно мнозинство од 95% се изјасни за осамостојување на Република Македонија од федеративна Југославија во која се распламтуваше граѓанска војна.

Претходно Собранието на Република Македонија на 25 јануари 1991 година со акламација ја донесе Декларацијата за независност.

Независноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина… На 8 април 1993 година Македонија со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Но, поради противењето на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Денес Македонија е призната под уставното име од над 130 држави, а со преку 170 има дипломатски одности. Меѓу тие кои не ословуваат со Република Македонија се и три постојани членки на Советот за безбедност, САД, Русија и Кина.

Од прогласувањето на независноста Македонија мина низ многу турболентен период, тешка приватизација која остави големи последици во процесот на транзиција на земјата, воениот конфликт во 2001, се до длабоката политичка криза во изминатите неколку години, која се уште е актуелна и предизвика големи поделби во општеството.

На заседанието на ЕУ во Загреб во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, но поради спорот името наметнат од Грција, земјата се уште не добила датум за преговори со унијата, а проблемот со јужниот сосед е пречка за членство на земјата и во НАТО. 

Денот на независноста на Република Македонија ќе биде одбележан со бројни свечености. 

OhridNews