Македонскиот туризам денес изгледа значително поинаку отколку на почетокот на независноста. Домашните гости, кои доминираа во првите години, постепено го отстапија приматот на странските туристи, чиј број во 2025 година достигна рекордни 916.001.
Тоа е една од највпечатливите промени што може да се забележат во публикацијата „35 години независна Македонија“, што Државниот завод за статистика ја подготви по повод јубилејот од независноста.
Податоците на ДЗС ја прикажуваат бурната историја на туризмот во изминатите три и пол децении, падовите во кризните години, постепеното отворање кон странските пазари, силниот раст во деценијата пред пандемијата, колапсот во 2020 година и брзото закрепнување што следуваше потоа.
Од доминација на домашните до 916.000 странски туристи
На почетокот од независноста домашните туристи биле побројни од странските. Таквата структура се задржала и во следните години. На пример, во 1999 година земјата ја посетиле 549.630 туристи, од кои 368.842 домашни и само 180.788 странски.
Веќе следната година бројот пораснал на 632.523 туристи, но кризата во 2001 година предизвика драматичен пад на само 333.308 туристи, од кои помалку од 100.000 биле странски.
Во годините што следуваат сликата постепено се менува. Странскиот туризам расте, а околу почетокот на минатата деценија странските гости го преземаат приматот.
Трендот е особено изразен во последните години.
Во 2021 година Македонија имала 702.463 туристи, од кои 293.963 странски. Во 2022 бројот на странски гости пораснал на 537.436, во 2023 на 734.139, во 2024 на 830.179, а во 2025 година достигнал 916.001 странски турист.
Вкупно, во 2025 година биле регистрирани 1.336.597 туристи, од кои 420.596 домашни и 916.001 странски. Тоа значи дека странците учествувале со околу 68,5 проценти во вкупниот број туристи.
Во споредба со 2024 година, вкупниот број туристи пораснал за 6 проценти. Но, зад таа бројка се кријат спротивни движења – бројот на домашните туристи се намалил за 2,2 проценти, додека бројот на странските се зголемил за 10,3 проценти.
Повеќе странци, но пократок престој
Бројот на туристи, сепак, е само едната страна на туристичката приказна. Важен показател е колку долго гостите остануваат во земјата.
Во 2025 година биле остварени вкупно 3.323.210 ноќевања. Од нив, домашните туристи оствариле 1.692.032, а странските 1.631.178 ноќевања.
Тука се забележува интересен дисбаланс, иако странските гости сочинуваат речиси 69 проценти од сите туристи, нивното учество во вкупните ноќевања е околу 49 проценти.
Пресметано врз основа на годишните податоци на ДЗС, еден домашен турист во 2025 година во просек остварил околу 4 ноќевања, додека просекот кај странскиот турист е околу 1,8 ноќевања. Ова укажува дека значителен број странски гости се уште доаѓаат во земјава преку таканаречените кружни тури во кои земјава не е главна дестинација.
Токму ова може да биде еден од клучните предизвици за македонскиот туризам во следниот период – не само да привлече повеќе странски гости, туку да создаде понуда што ќе ги задржи подолго.
Охрид во центарот на туристичката приказна
Овој тренд е особено значаен за Охрид и охридскиот регион како еден од главните туристички центри во земјата.
Растот на странскиот туризам отвора можности, но бројките истовремено го наметнуваат прашањето за квалитетот и структурата на туристичката понуда. За туристичките центри повеќе не е доволно само да се следи колку гости пристигнале. Сè поважни стануваат должината на нивниот престој, бројот на ноќевања и економската вредност што ја создаваат за локалната економија.
Најновите податоци покажуваат дека позитивниот тренд продолжува и во 2026 година. Само во јули земјата ја посетиле 223.711 туристи, кои оствариле 795.083 ноќевања.
Три и пол децении по независноста, статистиката покажува дека македонскиот туризам поминал низ голема структурна промена. Од туризам во кој доминираше домашниот гостин, земјата стигна до над 1,3 милиони туристи годишно и пазар на кој повеќе од две третини од посетителите доаѓаат од странство.
Следниот предизвик е тие гости да останат подолго.
Г.М.
















