Четири македонски филмови се на програмата на фестивалот „Источни соседи”  www.ehww.nl – 2012, кој започна на 1-ви ноември. Холандската публика  до 9-ти овој месец има можност да ги види македонските филмови кои ги селектираше уметничкиот директор на фестивалот, Рада Шешиќ.

Филмовите „Митот на Сара” на Саша Станишиќ, „Играта заврши” на Зоран Мишевски, „Крајот на светот” на Јани Бојаџи и „Народен фронт 22” на Иван Ивановски се оние кои ќе ја претстават Македонија оваа година. Прикажувањето на македонските филмови во Холандија е реализирано во соработка со македонскиот филмски фонд. Специјален гостин на проекцијата на филмовите е Димитар Николов, продуцент на филмот  „Митот на Сара.”

„Источни соседи е огледало на моменталните случувања и достигнувања во земјите од регионот, презентирани преку филмската продукција. Програмата предвидува 32 филма од кои 80% се холандски премиери и тоа е атрибутот на овој фетсивал. На овој начин локалната и интернационалната публика во Холандија се запознава со културата од овие земји, а со тоа станува многу полесно исите да се афирмираат како нови дестинации“.-изјави организаторот на фестивалот Александар Велиновски.
 
Оваа година во фокусот на програмата е албанскиот режисер Кујтим Чашку. Огромен интерес кај публиката предизвикуваат и хрватскиот филм „Канибал вегатеријанец” во режија на Бранко Шмит, филмот „Смртта на еден човек на Балкан” во режија на Мирослав Момчиловиќ и документарниот филм „Оркестар” на Пјер Жалица. За овие филмови картите се распродадени во рекордно време.

Хаг е одличен град за овој тип на манифестации поради голем број на интернационално ориентирана публика. Филмхаус и Нутсхаус се двете еминентни институции каде годинава по петти пат се одржува „Источни Соседи”, фестивал кој целосно е посветен на филмови и современа култура од источна и југоисточна Европа.

Дел од програмата на „Источни соседи” се прикажува и во Зевенар, Делфт, Амстердам и Аалст (Белгија).

OhridNews