Вкупниот број пациенти со коронавирус во САД достигна 35.070. Според бројот на заболени, после Кина и Италија, САД е на третото место. Последните податоци покажуваат дека до денеска починале 458 Американци од Ковид-19.

Како што расте бројот на потврдени случаи во САД, сè повеќе федерални држави воведуваат обврска граѓаните да останат дома, а излегувањето е дозволено само за купување храна и лекови или за неодложни работи.

Речиси половина од сите случаи на коронавирус се откриени во државата Њујорк, а градоначалникот Бил де Блазио проценува дека за десет дена градските болници ќе останат без витална опрема, како што се респираторите.

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) ѝ даде итна дозвола на компанијата „Кафеид“ со седиште во Калифорнија, која произведува брз тест за коронавирус кој може да ја открие болеста за 45 минути.

На прво место според бројот на заразени во светот е Кина (81.093), а на второ е Италија (59.138). Според бројот на починати, пак, Италија е на прво место со 5.476 смртни случаи, следува Кина со 3.270 и Шпанија со 1.813 смртни случаи.

OhridNews