Софија Тренеска, ученичка во IX одделение во ОУ „Христо Узунов“ се пласира во финалето на  „Hippo“ интернационалниот натпревар по англиски јазик „English Without Borders“.

Хипо натпреварот како единствен од таков вид, се одржува по петти пат и е наменет за ученици од 9-19 годишна возраст во јавните и приватни училишта од целиот свет. Примарна цел е да се промовира англискиот јазик и да се негува меѓусебната  соработка и здравиот натпреварувачки дух помеѓу младите. Претходните години имаше по 44.000 учесници од 1500 училишта од многу земји во светот кои се натпреваруваат во 5 категории.

Софија успешно ги помина прелиминарниот натпревар во Охрид и регионалното полуфинале во Скопје и влезе во 20-ината финалисти во нејзината категорија кои доаѓаат од Италија, Бугарија,Романија,Монголија, Кина, Русија, Украина, Малезија,Босна и Херцеговина,Хрватска,Словенија, Црна Гора, Србија,Македонија, Албанија, Латвија.

Заедно со својот ментор, наставничката по англиски јазик Елена Ничевски ќе учествуваат на големото финале кое се одржува на 13-14 мај во Lido di Jesolo (Венеција), Италија.

-Успехот на Софија на ова престижно натпреварување е уште еден доказ за квалитетот на наставата во училиштето, за посветеноста на наставниот кадар и учениците во остварувањето на заедничката цел-креирање кадри кои со своето знаење во иднина ке бидат носечки столбови во општествениот живот. – велат од ОУ „Христо Узунов“.

OhridNews