Охридскиот пливачки маратон ќе добие нов лик, откако Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) предводена од Александар Маленко одлучи да измени неколку работи. Една од најважните промени е должината на патеката. Од годинава делницата Св. Наум – Охрид нема да биде 30 километри, туку 25 километри, со што охридскиот маратон ќе биде дел од светската и европската елита, а не како до сега во ФИНА Гран при трките за маратони до и над 30 километри.

Традицијата на Охридскиот пливачки маратон продолжува, но со одредени измени. Патеката место 30 километри ќе биде 25 километри, а името „Климе Савин“ си останува. На ваква промена се одлучивме поради тоа што 25 километарските маратони се дел од светските и европските првенства, додека 30 километри не фигурира никаде. Што значи, дека маратонот нема да биде историски, туку на него ќе се испишува историја како што беше случај и до сега. – изјави за OhridNews, Маленко.

Тој додаде дека на патеката како и претходно ќе има девет контролни точки, а за промена ќе се плива по самиот брег на Охридското езеро.

-Љубителите на пливањето, охриѓани и туристите ќе имаат можност од 5-6 метри да ги видат и бодрат пливачите, а не како што беше до сега на 200-300 метри од брегот. Дел од патеката ќе се скрати кај Љубаништа, дел од Градиште до Хотел Гранит, а во финишот директно ќе се влегува од Куба Либре, а не од Канео како што беше години наназад. Значи, нема ништо да се менува суштински, туку ќе направиме маратонот да биде поатрактивен со имиња и многу позначаен поради бодовите кои ќе се освојуваат. – рече Маленко.Генерална проба за „големиот маратон“, ПФМ имаше на Интернационалниот пливачки маратон на 10 километри кој помина во знакот на аргентинските пливачи Гилермо Бертола и Елизабет Сесилија Биаџоли.

-Како организиратори на Интернационалниот пливачки маратон мора да бидиме задоволни, бидејќи настанот помина без проблеми, а победниците во двете конкуренции се одлучуваа во последните десеттина метри од трката. За мене лично најголем успех постигна Ева Петровска, која се неполни 14 години успеа да го исплива 10-километарскиот маратон. – рече Маленко.

Првиот човек на ПФМ за случајот со Евгениј Поп Ацев изјави оти остануваат на ставот изнесен во писмена форма до сите медиуми во Македонија. Поп Ацев иако беше најавен поради лични причини не учествуваше на 10-километарскиот маратон во Охрид.

-Ние како раководство на Пливачката федерација на Македонија остануваме на ставот изнесен во писменото соопштение испратено до сите медиуми. За да нема вакви работи, кои апсолутно не одат во прилог на никого, треба да се почитува кодексот на однесување. Ние, после долго време и обиди стапивме во контакт со Адам Бејкер тренерот на Евгениј Поп Ацев и конечно можеме да разговараме отворено за сите работи кои се случија. – додаде Маленко.

Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи следната сабота, а во наредните неколку денови треба да се комплетираат учесниците кои ќе ги разбрануваат водите на Охридското езеро.

Михаил Постоловски