
Обраќајќи се пред присутните лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го истакна значењето на Рамковниот договор склучен во Охрид, кој како што рече, на Албанците во Македонија им обезбеди поголеми права во сите сфери на живеење.
– Да се присетиме малку каде беа Албанците пред 10 години, а каде се сега. Пред 10 години имаше 170 вработени полицајци Албанци, а сега има 3000, имаше само 64 офицери и подофицери во Армијата, а сега се 2000. Пред 10 години никој не смееше да говори Албански гласно, а сега тој е службен јазик и се користи во сите институции, вклучувајќи го и Собранието на Република Македонија. Ова се резултати на Охридскиот рамковен договор кој Албанците ги направи рамноправни и во образованието за што говори фактот дека денес дваесет илјади студенти студираат на Тетовскиот универзитет и на дисперзираните студии на факултетите во градовите каде живеат Албанци, а бројот на вработени во јавната администрација од симболечен се искачи на над 20.000, истакна Ахмети.

Тој посочи дека Охридскиот договор не постигнал се, бидејќи за секој мировен договор потребно е време за да се исполни. – Неговите вредности ги почувствува албанската нација, а другите етнички заедници кои живеат во Македонија ги направи порамноправни, рече Ахмети, додавајќи дека може да се направи повеќе, а ДУИ има и храброст и знаење да го стори тоа.
Ахмети истакна дека приоритет на ДУИ е влез на Македонија во НАТО и ЕУ и подобрување на економската состојба.
-На Македонија и требаат нови инвестиции, бидејќи тие ќе отворат нови работни места. Тоа е дел од програмата на ДУИ која ние ќе ја оствариме.-порача Ахмети.

На митингот говореше носителот на кандидатската листа на ДУИ во 5-та И.Е., Арбен Лавеништа, кој упати апел до охридските Египѓани, Турци и Бошњаци да го дадат својот глас за Демократската унија за интеграција.

Пред присутните се обрати и претседателот на општинската организација на ДУИ во Охрид, Недим Положани, кој покрај на албански говореше и на македонски и турски јазик.
-Секој човек има цел, затоа што без цел и животот нема смисол. Убедени сме дека целта на секој од нас овде е дел од програмата на ДУИ. Овојпат сите заедно имаме иста цел, затоа ајде сите заедно до целта и на 5-ти јуни да постигнеме голема победа за ДУИ.-рече Положани.

Изборниот караван на ДУИ, претходно го посети Ресен.










