Ревизија на проектот за возобновувањена на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник кој е во фаза на изградба, најави новиот министер за култура Роберт Алаѓозоски. 

– Во ребалансот на буџетот ќе има одредени зафати за Плаошник, сериозно му пристапуваме на проблемот, наскоро тим на министерството за култура ќе учествува на конференцијата на УНЕСКО во Краков такашто ќе се фатиме сериозно летово и со ова прашање.– рече Алаѓозоски. 

Ревизија на отпочнатите градби на Плаошник, но и на другите најавени проекти од претходната влада во охридскиот регион најави и неодамна формираната неформална група пратеници „Пријатели на Охрид под УНЕСКО“. Според неа приоритет на новата влада треба да биде имплементација на забелешките на светската организација, која на сесијата одржана минатата година во Истанбул предупреди дека Охрид може да се најде на листата на загрозени подрачја. 

Како што изјави денеска во Охрид министерот Алаѓозоски, засега нема да бидат преземени никакви активности во врска со проектот Скопје 2014 се додека не биде направена целосна анализа која ќе се темели на меѓународна експертиза. Тој посочи дека во моментов државата има поголеми приоритети од Скопје 2014, посочувајќи дека судбината на проектот ќе биде позната откако тој целосно ќе биде ревидиран. 

– Во овој момент финансиската кондиција на земјата е очајна, а економскиот живот на граѓаните се одвива на работ на сиромаштијата такашто приоритет нема да биде разместувањето или рефасадирањето на споменици од Скопје 2014. – додаде Алаѓозоски. 

Aлаѓозоски најави дека на јавноста ќе и бидат предочени сите информации во врска со чинењето и квалитетот на градбата на спомениците од проектот Скопје 2014.

OhridNews