Изминатите години натпреварот помеѓу најдобрите екипи од истокот и западот на собирот на сите ѕвезди во NBA лигата беше можеби и најдосадниот дел од шоуто, поради што најсилната кошаркарска лига на светот одлучи да ги промени правилата и не згреши. Љубителите на врвнта кошарка, на All star викендот што изминатиот викенд се одигра во Чикаго, го гледаа најинтерениот меч во овој век, во кој екипата на западот предводена од Леброн Џејмс ја совлада „дружината“ од истокот на Јанис Адетокумбо со 157:155.

Според новите правила, секојa од првите три четвртини е мини натпревар за себе, а победникот добива 100.000$ за хуманитарни цели. Во последната не се игра 12 минути колку што трае четвртина во NBA, туку се игра до конечен резултат. Тој пак се одредува на начин што на скорот на тимот кој има водство се пресметуваатaт 24 поени (во чест на Коби Брајант кој го носеше дресот со број 24). Во случајот подобра екипа во првите три четвртини беше источната која постигна 133 поени наспроти 124 на западот. Но, на крајот тимот на Џејмс со поените од линијата за слободни фрлања на Ентони Дејвис славеше со 157:155 и освои 200.000$ за хуманитарни цели.

Најкорисен играч на мечот (MVP) беше Кавај Ленард, кој го предводеше победничкиот тим со 30 поени. Од оваа година наградата за најдобриот играч на ALL star натпреварот се вика „Коби Брајант“, во чест на извонредниот кошаркар на LA Lakers кој трагично го загуби животот неодамна во хеликоптерска несреќа.

Пред почетокот на натпреварот на сите ѕвезди, што се одигра ноќеска, се одржа пригодна церемонија во чест на починатиот поранешен комесар и творец на модерната NBA лига, Дејвид Штерн, и на петкратниот NBA шампион Коби Брајант, кој прерано го напушти овој свет.

Г.М.