Вршителката на должност во Амбасадата на САД во Северна Македонија, Никол Вернес, го посети НУ Хидробиолошки завод – Охрид, каде се запозна со научноистражувачката работа, експертизата и капацитетите на оваа институција, како и со нејзината долгогодишна посветеност на истражувањето и заштитата на водните екосистеми.

Во текот на посетата биле презентирани активностите на Заводот во областа на лимнолошките истражувања, вештачкиот мрест на охридската пастрмка, мониторингот на состојбата на водните екосистеми и биолошката разновидност. Станало збор и за влијанието на климатските промени и антропогените притисоци врз Охридското и Преспанското Езеро, како и за тековните проекти и меѓународните партнерства на институцијата.

Посебен акцент на средбата бил ставен на потребата од континуирана поддршка на научните институции кои имаат значајна улога во заштитата на природните богатства на Охридско-преспанскиот регион.

Разговарано било и за можностите за понатамошна соработка, поврзување на научната заедница со меѓународни партнери и поддршка на иницијативи насочени кон зачувување на природното наследство и одржливиот развој.

Благодарни сме за интересот и поддршката на научната работа на Хидробиолошкиот институт и веруваме дека ваквите средби придонесуваат за отворање нови можности за соработка и заедничко дејствување во интерес на заштитата на природата и иднината на Охридско-преспанскиот регион, посочуваат од НУ Хидробиолошки завод – Охрид.

Хидробиолошкиот завод има значајна улога и во програмата за вештачки мрест и порибување на Охридското Езеро со охридска пастрмка, како една од активностите насочени кон заштита и обновување на популацијата на овој ендемичен вид. Деновиве започна и порибувањето на Охридското Езеро со подмладок од охридска пастрмка добиен од вештачкиот мрест, а согласно програмата предвидено е езерото да биде порибено со над еден милион единки од овој ендемичен вид.

OhridNews