По повеќе од четири часа заврши распитот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за случајот „Рекет“ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Јанева по распитот кај обвинителката Вилма Русковска, рече дека таа засега е сведок во случајот „Рекет”. Најави дека со новинарите ќе се гледа и на суд каде што ќе се објаснат многу дилеми.

„Мојот телефон не беше форматиран, а не знам дали ќе се прошири истрагата. Јас не чувствувам вина, ќе има судење и ќе имате можност да видите како се одвива“, рече Јанева.

На прашањето зошто на распитот била со адвокат, шефицата на СЈО, во оставка, одговори дека има право на правни консултанти.

Изјави дека не знае каде е Орце Камчев, а за обвинувањето од обвинителката Лиле Стефанова која изјави дека Јанева барала затворање на предметот „Поштенска банка“, под услов осомничените да ги вратат парите, но да не бидат обвинети, рече дека ќе има време и ќе се објасни и тоа.