Најновото истражување на јавното мислење „практикување на религија во услови на пандемија“, што го реализираа интернет порталот religija.mk и Институтот за политички истражувања-Скопје со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, покажува дека високи 80.3% од испитаниците сметаат дека Велигден и Рамазан Бајрам треба да се слават во домашна атмосфера, наспроти 10,4 % кои сметаат дека овие празници треба да се слават во црквите и во џамиите.

Ова прво, вакво истражување направено во Северна Македонија, открива дека верниците ги оправдуваат двете најголеми верски заедници, МПЦ-ОА и ИВЗ што ги прифатиле препораките на државата за заштита од ширењето на пандемијата. 75.1 % од анкетираните сметаат дека МПЦ-ОА и ИВЗ исправно постапиле што се приклучиле на вонредните мерки на државата, додека пак 79,6 % испитаници сметаат дека забраната за масовна посета на црквите и џамиите е соодветна и оправдана превенција од ширење на корона вирусот. 51% пак одговориле потврдно дека верските заедници соодветно реагираат на предизвиците со корона вирусот.

Ова истражување, кое имаше за цел да ја детектира перцепцијата на верниците во поглед на рестриктивните мерки на државата и односот кон религијата покажа интересни резултати. Иако македонското општество во висок процент (51%) се декларира како религиозно и (32%) донекаде религиозно, сепак смета дека вонредните мерки за заштита и забраните за присуство на верници во храмовите не значи и ограничување на правото на вероисповед. Тоа го потврдиле високи 63,4 проценти од анкетираните.

Интересен е податокот кој се добива како одговор на прашањето „Дали сметате дека ако отидете во црква или џамија, постои ризик да се заразите од корона вирус?“, речиси повеќе од половината, или 57,1% анкетирани одговориле потврдно, а само 20,9% немаат страв од тоа. Во тој контекст верниците се согласни дека сите црковни настани, како што се венчавки, крштевки треба да бидат одложени во овој период. Такво мислење делат високи 70,5% од испитаниците, а само 15,6% се согласни тоа да го сторат сега и во ограничен број на присутни.

Истражувањето покажува дека стравот од корона вирусот кај граѓаните е голем, а од тие причини речиси седум од десет испитаници рекле дека од почетокот на пандемијата немаат отидено во црква или џамија, токму поради страв од заразата.

Истражувањето е спроведено во април годинава, на репрезентативен примерок од 1127 испитаници со маргинална грешка е помеѓу +/-2.9% и со 95% интервал на веродостојност.

OhridNews